Континуирано подобрување на условите за живот на граѓаните
Подобрувањето на условите за живот
на граѓаните во Општина Гевгелија беше еден од приоритетите во активностите на локалната самоуправа. Поточно, по 2018 година, кога ангажирањата беа насочени кон финансиско стабилизирање на Општината и враќање на наследените долгови, во 2019 и 2020 година, па, дури и во услови на пандемија минатата година, беа реализирани повеќе проекти и зафати за подобрување и проширување на патната и комуналната инфраструктура. За таа цел, беа вложени, само во патната инфраструктура 1,2 милиони евра, главно буџетски средства, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, на денешната прес-конференција. Притоа, ја најави пролетната акција за проширување и подобрување на локалната патна мрежа.
- По завршените тендерски постапки и потпишаните договори со изведувачите, на неколку локации во Гевгелија и во населените места се изведуваат активности за изградба, реконструкција и бетонирање на улици и краци. За реализација на оваа акција ќе бидат вложени 31 милион денари буџетски средства. Така, во станбената населба „Караорман“ во Гевгелија се градат две нови улици, а предвидено е и отворање и изградба на нова улица кај Детската градинка „Сончогледи“. Во стопанската зона „Ракита“, исто така, се тампонирани две помали пристапни улици, како и една поголема, кои ќе бидат асфалтирани. Покрај ова ќе биде асфалтиран и дел од патот Негорци-Кованец, како и улицата „Гоце Делчев“ во Миравци. Бетониран е крак од улицата „Деко Ковачев“- Гевгелија, како и краците на улиците „Никола Карев“ и „Ристо Јанев“, кај турските гробишта. Покрај ова, ќе биде обновена и улицата долж дворот на ООУ „Владо Кантарџиев“, два крака на улицата кај хотелот „Paint it Black “, како и крак на улицата што води кон Затворот, изјави Поцков.
Со пролетната акција, најави градоначалникот на Општина Гевгелија, предвидено е и уредување на тротоари на повеќе улици, како што се улиците: „Илинденска“, „Јосиф Јосифовски“, „Загребачка“, потоа на улицата „Мицо Шаренков“, а нови тротоари ќе бидат уредени и на улиците „Сава Михајлов“ и „Леонид Јанков“. Станува збор за уредување на тротоари со павер-елементи. Сакам да нагласам дека и годинава, во пресрет на летната сезона, ќе продолжиме со уредувањето на крајбрежјето кај Сифулајка. Како што е познато, минатото лето беа уреден простор за плажа и пристапни патишта, а годинава ќе ја прошириме плажата и приодите до неа, бидејќи во услови на пандемија и ограничено патување, голем број граѓани ја користеа оваа плажа. Дополнително, ЈПКД „Комуналец“ го уредува хортикултурно и партерно просторот, потенцираше Сашо Поцков.
- Покрај ова, не очекува реализацијата на неколку големи инвестициони активности со доделените грантови. Заврши тендерот за изградба на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Мрзенци со доделениот грант од Светска банка во износ од 880.000 евра. Во првата фаза од реализацијата на овој грант ќе бидат потрошени 220.000 евра за изградба на оваа значајна сообраќајница на влезот од Мрзенци, а додека другите средства од грантот ќе бидат наменети за доизградба на Западниот булевар, односно на заобиколницата до Динќут. Од Општинскиот буџет ќе извршиме тампонирање на продолжението од Западниот булевар, а од целосната изградба ќе биде финансирана од грантот на Светската банка, рече градоначалникот Сашо Поцков.
- Исто така, заврши и тендерот за ревитализација на Старата депонија кај Сува Река, за која цел ни беа доделени 420.000 евра од Грчката влада, така што во најскоро време се очекува договорот да биде потпишан меѓу Грчката амбасада во нашата земја, Швајцарската агенција за развој и Министерството за животна средина. Тоа ќе значи и започнување на изведбените работи од страна на бугарска фирма која имаше најповолна понуда на меѓународниот тендер, а истовремено и профункционирање на новата Времена депонија. Во завршна фаза се и подготовките околу реализацијата на грантот од од Германската влада преку KFW банката за поквалитетно водоснабдување и сепарација на атмосферската од фекалната канализација. Меѓународниот тендер за реализација на капиталните проекти во вредност од 2,5 милиони евра треба да го распише ЈПКД „Комуналец“ по согласноста за тендерската документација од страна на меѓународниот консултант која се очекува да се обезбеди наскоро, изјави на прес конференцијата Сашо Поцков.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, исто така, информираше и за постигнатиот договор со ЈПКД „Комуналец“ и веќе започнатите акции за расчистување на дивата депонија кај Милци, поставување на рампа и одредување на нови локации за депонирање на градежен шут и заштита на речните крајбрежја. Потоа, за уредувањето на паркот крај патот Гевгелија-Негорци, спроти влезот на Мрзенци, каде што ќе биде извршено партерно и хортикултурно уредување, како и уредувањето на паркот за миленичиња крај патот за мотелот „Вардар“.
- За ваквата инвестициона активност која се реализира со буџетски средства, од посебно значење е континуираната успешна реализација на буџетските приходи, така што во првиот квартал годинава беа реализирања 25% од планираните приходи на Основниот буџет. Тоа овозможи во истиот квартал зголемување на процентот на капитални расходи на 36%, а тоа значи зголемување на финансиската моќ на Општината за подобрување на условите за живот на граѓаните, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, потенцирајќи дека сите предвидени зафати, од кои најголемиот дел треба да бидат завршени до крајот на летото, се дел од планираните активности, а не од некаква предизборна кампања. На граѓаните е да ценат што и колку сме направиле, а наше е да го реализираме тоа за што сме се обврзале – подобрување на условите за живот што минатата и оваа година не беше така лесно имајќи ги предвид наметнатите состојби од пандемијата, рече Поцков.