ТППЕ- Гевгелија ќе добие ново противпожарно возило
Раководителката на Центарот
за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова, во својата изјава за медиумите истакна дека деновиве треба да се потпише Договорот за зголемување на капацитетите на институциите задолжени за спречување на пожари и кризи од Програмата за прекугранична соработка со Грција. Станува збор за проект со кој за противпожарните единици во Струмица и Гевгелија ќе се набавуваат противпожарни возила, а Центарот за управување со кризи како партнер од Македонија ќе добие ИТ опрема за рано откривање на пожари на целиот Југоисточен плански регион.
- Овој проект ќе го реализираме со Регионот на Централна Македонија од Грција во функција на зајакнување на капацитетите за спречување на шумски пожари од двете страни. Возилата што се планирани ќе бидат теренски за шумски пожари, но ќе одговараат на потребите и за пожари во урбани заедници, изјави Ѓуркова, потврдувајќи дека проектот со соседна Грција е прифатен и одобрен за финансирање.
Според последните истражувања направени од Центарот за граѓански комуникации од Скопје пред година време, четирите Територијални противпожарни единици во Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово располагаат со 30-тина противпожарни возила, претежно донирани или отстапени од некој од државните органи. Старосната граница на возилата во просек е 30-тина години.
Инаку, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион почна и со активностите за реализација на проектот од Програмата за прекугранична соработка со соседна Бугарија со кој пожарникарите од Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово ќе добијат професионална опрема за заштита при гаснење пожари но и опрема за самите единици. Проектот ќе се реализира во соработка со Асоцијацијата на Југозападни општини од Благоевград.