Обезбедени сите предуслови за формирање Локален младински совет
Општина Гевгелија ги обезбеди
сите предуслови за формирање Локален младински совет. Имено, Советот на Општина Гевгелија на последната седница донесе Одлука за измена и дополнување на Статутот на Општина Гевгелија, согласно донесените заклучоци на Владата на РСМ за усогласување на Статутот и Законот за младинско учество и младински политики. Наскоро, Општина Гевгелија ќе објави јавен повик за избор на членови во Локалниот младински Совет.
Нив ги предлагаат невладините организации и здруженија на млади, ученичките совети, студентските совети и други регистрирани облици на организирање на младите. Кандидатите треба да се жители на општината, на возраст од 15 до 29 години. Локалниот младински совет, како советодавно тело на Општината, брои 5 члена, со мандат од две години, избира претседател и заменик согласно Деловникот за работа на Локалниот младински совет. Донесува Програма за работа која треба да ја достави до Советот на Општина Гевгелија, во тековната година за следната, со активности за соработка со другите советодавни тела во РСМ и консултирање со Организацијата на младите за теми значајни за нив.
Работата на Младинскиот совет на Општина Гевгелија ќе биде поддржана од Општина Гевгелија, обезбедувајќи просторни услови за функционирање на телото, а финансирањето ќе биде со средства од Буџетот на Општина Гевгелија.