Продолжува имунизацијата на старосната група граѓани над 70 години во Општа болница- Гевгелија
Од денеска, (5 мај, среда), продолжува
вакцинирањето против КОВИД-19 на старосната група граѓани од општина Гевгелија над 70 години. И тоа, во новите адаптирани простории на поранешното Одделение за кожни и венерични заболувања во Општата болница, наместо во Дијабет- центарот кој функционираше како вакцинален пункт.
Имунизацијата во Општата болница со проширена дејност во Гевгелија продолжува да се врши со пристигнатите 300 вакцини на кинеската фирма „Синофарм“. Според добиените количини, во наредните пет дена треба да се вакцинираат граѓаните кои се пријавиле на платформата „vakcinacija.mk“, а се во повозрасната група. Системот автоматски ги презема пријавите и ги испраќа на „Мој термин“ за вакцинирање во Општата болница Гевгелија. Граѓаните за термините се известуваат преку смс-порака или порака на е-маил адреса. Доколку нема лица за вакцинирање над 70 години, системот автоматски ја спушта долната граница на пријавените граѓани.
Досега, од почетокот на имунизацијата во Општа Болница Гевгелија се вакцинирале 650 граѓани. Додека, вкупниот број на имунизирани граѓани од Општина Гевгелија изнесува над 1100 лица (вклучувајќи ги вработените кои се изложени на ризик, а се вакцинирале во Скопје, во салата „Борис Трајковски“.
Директорот на Општата болница- Гевгелија, д-р Митко Крџев истакна дека во КОВИД- модуларната болница во Гевгелија во моментот се лекуваат 7 лица позитивни и сомнителни на Корона вирусот, а поради намалениот број на хоспитализирани пациенти, затворен е делот од Нервната клиника кој служеше како КОВИД-болница. Во наредниот период, брисевите на лицата суспектни на КОВИД-19 ќе се земаат во просториите на Лабораторијата на Здравниот дом Гевгелија, во времето од 09:00 до 10:30 часот секој ден.