Продолжуваат градежните активности на пристапните патишта во стопанската зона „Ракита“
Продолжува уредувањето на
пристапните патишта во стопанската зона „Ракита“. Откако „Обнова Инжинеринг“ која на тендерската постапка даде најповолна понуда, заврши со тампонирањето на два помали пристапни патишта од улицата „Аргир Манасиев“, градежната фирма почна да работи на уредувањето и на еден поголем пристапен пат. Во следната фаза следи поставување на бетонски ивичњаци на трите пристапни патишта во оваа индустриска зона. Должината на пристапните патишта, на кои се реализира зафатот за урбанизација со средства од Буџетот на Општина Гевгелија, согласно Општинската програма за изградба на улици и патишта, изнесува 1800 метри.
По завршувањето на подготвителните работи, ќе уследи асфалтирањето во изведба на градежната фирма „Топ Билд“ од Скопје која, исто така, беше избрана со најповолна понуда на отворената постапка за јавна набавка. Со овие градежни активности кои се дел од пролетната акција за подобрување и проширување на патната инфраструктура, во стопанската зона „Ракита“, значително ќе се подобрат условите за непречено одвивање на сообраќајот на овие пристапни патишта кои водат до стопанските објекти. Бидејќи, со години наназад, при обилните врнежи истите беа подложени на дупки каде се насобираше вода и кал.