Исчистена локацијата кај старата Касарна
Викендот, во соработка со МАМ,
Општина Гевгелија беше дел од првата еко-акција „Генералка викенд“ која се реализираше на локација кај старата Касарна. На еко-акцијата учествуваа вработени од Општина Гевгелија, ЈПКД „Комуналец“, членовите на Советот на Општина Гевгелија и претставници од: училиштата, планинарските друштва, невладините организации, Црвен крст- Гевгелија, Центарот за деца со посебни потреби „Мајка Тереза" и доброволно пријавени граѓани.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, задоволен од бројката на учесници на акцијата, истакна дека оваа еко-акција нема да биде последна:
Општина Гевгелија уште еднаш ја потврди својата одговорност кога станува збор за чиста и здрава животна средина. Прифаќајќи ја иницијативата на МАМ за спроведување на еко-акцијата "Генералка викенд", се исчисти локација околу спортските терени кај старата Касарна. Во текот на оваа година, Општина Гевгелија ќе вложи напор и ќе се агажира да се расчистат дивите депонии, но и да се озелени градот, во рамките на редовните и вонредни акции, заедно со ЈПКД „Комуналец“.
Истовремено, упати и апел до граѓаните:
- Апелираме до граѓаните да ја развиваат својата свест на повисоко ниво, одлагајќи го шутот и ѓубрето на вистинските места за таа намена. Зашто не е доволна желбата само да сакаме здрава и чиста животна средина, а свесно со своите дејанија да ја загадуваме и уништуваме!
Претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов, посочи:
- Сите граѓани можат да дадат свој придонес за зелена и почиста Гевгелија, со тоа што ќе си го исчистат отпадот од пред своите живеалишта, пред куќите и станбените згради. Особено, одејќи и на излет во природа, направеното ѓубре зад себе да си го исчистат.
Од МАМ, задоволни од организираноста и сплотеноста на Општина Гевгелија, истакнаа:
- Oпштина Гевгелија ги здружи силите со Kомуналното претпријатиe, Градоначалникот и членови на Советот на општина Гевгелија, претставници на училиштата, планинарски здруженија, невладини организации, Центарот за деца со посебни потреби „Мајка Тереза“ и граѓаните волонтери СОНЧЕВИ ПИОНЕРИ за чистење старата Касарна и пренаменување во спортски и рекреативен отворен центар. Ја видовме оваа локација пред и по акцијата за чистење и повторно е доказ што се може да се постигне кога сите членови на општеството ќе се здружат и ќе се грижат едни за други и за нивната околина! Гевгелија повторно се обедини заедно како ЕДНО и докажа дека овој град и овие луѓе се грижат!