Обележување на велосипедска патека на булеварот „Гевгелија“
Од вечерва, започнува акцијата
за машинското обележување на улици со хоризонтална сообраќајна сигнализација во општина Гевгелија. За првпат, годинашното машинско обележување на хоризонталната сообраќајна сигнализација вклучува и машинско обележување на велосипедска патека со црвена боја, на површина од 2000 метри квадратни, која е предвидена во првата фаза долж булеварот, на влезот од Гевгелија до кружниот тек на крстосницата со улица „7 Ноември“.
Според договорот, во општина Гевгелија обележувањето на хоризонтална сообраќајна сигнализација ќе се изврши на површина од 9.400 метри квадратни, од кои машинско обележување: со бела боја на полни и испрекинати осовински линии, пешачки премини, стоп линии и стрелки, на површина од 5000 метри квадратни, со жолта боја- успорувачите на брзината, автобуските и такси стојалиштa, на површина од 1000 метри квадратни и со црвена боја- црвените полиња, на површина од 200 метри квадратни. Инаку, велосипедската патека на булеварот Гевгелија ќе биде обележана на крајот од пролетната акција за обновување на хоризонталната сигнализација. За првпат, годинашното машинско обележување на хоризонталната сообраќајна сигнализација, исто така, вклучува и машинско фарбање на кошаркарски и фудбалски игралишта со жолта и сина боја, на површина од 1200 метри квадратни.
За реализацијата на оваа акција, Општина Гевгелија издвои 1.082,882 денари без ДДВ од Општинскиот буџет. Обележувањето ќе го врши струмичката фирма „МС СТОП ИНЖИНЕРИНГ“, со која Општина Гевгелија склучи договор за јавна набавка.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, истакна дека општина Гевгелија со оваа акција ќе добие oбележана хоризонтална сигнализација, по сите современи, европски стандарди:
- Со тековната активност ќе се зголеми прегледноста на улиците и ќе се подобри безбедноста во сообраќајот што е приоритет во работата на локалната самоуправа. За првпат, во Гевгелија ќе биде обележана и велосипедска патека за љубителите на велосипедизмот, создавајќи им соодветни услови за спорт и рекреација. Исто така, за првпат, ќе бидат обележани и спортските игралишта. Со свежи и воочливи бои кои ќе придонесат за современ и европски изглед на општина Гевгелија.