Актерската игра на Брзилова, Проле и Ќаев ја воодушеви гевгелиската публика
Брилијантата актерска игра на Елена Брзилова,
Силвестер Проле и Каме Ќаев во претставата „Умри Машки“ ја размрда и насмеа гевгелиската публика после подолг временски период кога поради КОВИД-пандемијата културните настани се прикажуваа онлајн, без физичко присуство на публиката. Поставувањето на „Умри машки“ од Алдо Николај, во режија на Катица Џишева Дупарова, како уште една запишана претстава во листата на аматерски претстави од сопствената продукција на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, го потврди фактот дека на гевгеличани им недостигаше театарскиот живот. Дека е навистина така, зборува фактот што за премиерата која беше и последниот настан од четиридневната културната програма по повод Спасовден и за останатите прикажувања на „Умри машки“ на 12, 15 и 17 јуни, картите беа веднаш распродадени. На 27 јуни, претставата ќе имаат можност да ја проследат и богданчани во Домот на културата- Богданци.
Во претставата станува збор за дејство помеѓу класичен брачен триаголник, во кој конците ги влече жената, (еднаш сопруга, другпат, љубовница).