Прогласени Првенците на генерација во петте основни училишта за учебната 2020/21
По завршетокот на учебната 2020/2021 година,
традиционално Основните училишта во Гевгелија ги прогласија учениците од деветто одделение - Првенци на генерацијата. Според Правилникот за избор на Првенец на генерација и исполнувањето на соодветни критеруми во текот на основното образование, со одлука на Наставничките совети се избрани: Јована Ѓореска од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Ивана Грујиќ од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Живко Узунов од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, Зорица Геровска од ООУ „Климент Охридски“- Миравци, Радмила Зашева, ученичка во класата по флејта во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија.
По понесувањето на титулата, за што од страна училиштата учениците добија симболични награди, тие открија во што е тајната на успехот за постигнување резултати и одличен успех во текот на основното образование, истовремено, откривајќи каде ќе се школуваат понатаму:
- Да се биде Првенец во генерацијата е чест и привилегија. Учењето за мене не беше тешко бидејќи претставуваше секојдневна активност која ме исполнуваше, ми отвoраше нови видици и предизвици. Школувањето ќе го продолжам во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, истакна Јована Ѓореска.
- Ако се учи со труд и со желба да се научи, не претставува никаков проблем да се биде Првенец на генерацијата. Јас ќе се запишам во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, природно-математички смер, комбинација А, каде се надевам дека ќе добијам квалитетно и современо образование, истакна Ивана Грујиќ.
- Ви благодарам за искрените честитките, не беше многу тешко да се биде Првенец на генерацијата, затоа што секоја пречка во учењето за мене беше предизвик. Времето е клуч за правилниот избор на една идна професија, па затоа средното образование ќе го продолжам во Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип, истакна Живко Узунов.
- Воопшто не е тешко да се биде Првенец на генерација затоа што нашите наставници секогаш ни помагаа кога нешто не ни беше јасно и ни даваа несебична поддршка. Јас ќе се запишам во Приватното средно училиште „САБА“, во Скопје, истакна Зорица Геровска.
- Искрено, не очекував дека јас ќе ја понесам титулата Првенец на генерација, за што сум пријатно изненадена и многу благодарна. Трите главни карактеристики кои треба да ги поседува Првенецот на генерација, посебно кога станува збор за ученик во Музичко училиште, се безграничната љубов кон инструментот, постојано трудење и напорно вежбање. Средното образование ќе го продолжам во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, истакна Радмила Зашева.