Започнаа подготовките за изградба на улицата „Александар Бел“ во Мрзенци
Започнаа подготвителните работи за изградба
на улицата „Александар Бел“ во новата станбена населба, во населеното место Мрзенци. Имено, се работи за главната сообраќајница во станбената населба „Мрзенски Рид“, со должина од 850 метри и два крака од по 110 метри. Градежната фирма „Жикол“ која даде најповолна понуда на тендерската постапка, а по потпишувањето на договорот, веќе неколку дена со соодветна механизација работи на обележување и осигурување на трасата, расчистување на трасата од нискостеблести растенија, рушење на жичана ограда и потпорен ѕид до депонија и демонтажа на постоечки надземен мерен ормар. Во првата фаза, покрај подготвителните работи на главната улица, се предвидени и подготвителни работи за изведба на двата крака и изведба на долен строј.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, најави дека наскоро „Жикол“ ќе започне и со изградбата на ул. „Методија Андонов Ченто“ во истото населено место, од влезот, па се до центарот, кај ресторанот „Јавор“.
Двата проекта се дел од четирите капитални проекти за подобрување на патната инфраструктура во Општина Гевгелија. Имено, покрај изградбата на улицата „Александар Бел“ и улицата „Методија Андонов Ченто“ во Мрзенци, во Гевгелија ќе уследат и подготвителните работи за изградбата на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија, поточно, продолжување на булеварот „Гевгелија“ и неговиот западен крак, од колективната станбена зграда, позната како „Грчка“, на Караорман, па се до Динќут. Исто така, и изградбата на новопланираната улица, односно, на стариот пат од кај мотелот „Вардар“ до македонско-грчката граница. За чии изградби е задолжена градежната фирма „Еуроинг“, со која е потпишан договор.