Расте бројот на заболени лица од КОВИД-19 во општина Гевгелија
Во општина Гевгелија расте бројот на новозаболени
лица од КОВИД-19. Заклучно со 21 август, според евидентираната бројка на Институтот за јавно здравје, во Гевгелија има 43 лица, активни случаи на КОВИД-19. Од кои, 30 лица од Гевгелија се евидентирани во рок од една недела. На ниво на подрачјата на општините Гевгелија, Богданци и Дојран кои ги покриваат Општата болница со проширена дејност- Гевгелија и Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, заклучно со 21 август, има 63 активни случаи на КОВИД-19, од кои 2 во Дојран, 18 во Богданци и 43 во Гевгелија. Директорот на ОБ- Гевгелија, Митко Крџев, истакна дека, засега, во Модуларната КОВИД- болница во Гевгелија пациентите позитивни на Корона вирус, од Делта сојот, се лекуваат со дневна терапија.
Што се однесува до бројката на вакцинирано население, согласно направениот пресек од Општата болница со проширена дејност- Гевгелија, која ги покрива општините Гевгелија, Богданци и Дојран, заклучно со петок, 20 август, 2021 година, на двата Вакцинални пункта во ОБ- Гевгелија прва доза вакцина против КОВИД-19 примиле 10.587 граѓани. Додека, ревакцинирани се 6.392 лица, истакна д-р Тодорка Окова, задолжена за имунизација против КОВИД-19 во Општата Болница со проширена дејност Гевгелија. Досега се вакцинирале 98 млади на возраст од 12 до 17 години.
Во просек, за една недела, од изминатиот петок, 13 август, бројката на вакцинирани се зголемила за 982 лица, а на ревацинирани за 149 лица. Што значи дека имунизацијата на граѓаните се одвива непречено, а интересот за стекнување имунитет против КОВИД-19 преку вакцина на граѓаните од трите општини, расте, имајќи го предвид новиот бран на Корона вирус и пораст на новозаболени лица од КОВИД-19 на подрачјата на трите општини.