Нов парк во близина на Подрачното училиште за жителите од Моин
Почнаа подготовките во населеното место Моин
за изградба на нов парк на локација близу Подрачното училиште. „Пелагонија Тириц“ започна со градежните работи за бетонирање на подлогата, на која ќе изникне парк за жителите од ова населено место. Предвидено е по завршувањето на работите за бетонирање да започнат активностите за уредување на овој парк со монтирање модерни играчки за деца, урбана опрема и хортикултурно уредување. Исто така, на местото наменето за детско катче, ќе биде поставена и вештачка подна трева. Како што истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, за уредувањето на новиот мултифункционален парк ќе се погрижи ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија.
- Очигледна е потребата за уредување на јавните површини во населеното место Моин, како жителите би имале места за одмор и рекреација. Ова ново катче ќе биде во служба и на возрасната и на младата популација. Посебно, за најмалите поминувајќи ги своите денови од детството во игра. Овој парк ќе го збогати ликот на населеното место, имајќи предвид дека во близина се наоѓа и Подрачното училиште, за кое во изминатиот период беа вложени средства за негова реконструкција и оградување на училиштниот двор, рече Поцков.
Имено, минатата 2020 година, пред почетокот на учебната 20/21 година, во Училиштето беа реализирани зафати за реконструкција на кровот, обновување на фасадата, во училишните простори беа изведени молеро-фарбарски работи, набавени уреди за реализирање ИКТ настава и се реновираа санитарните јазли. Пред неколку дена заврши и зафатот за целосно оградување на училиштето и уредување на дворната површина, односно старата ограда беше заменета со нова.