Набавени 115 пластични контејнери и канти за депонирање сув отпад
Општина Гевгелија во насока на подобрување на
комуналните услуги на граѓаните, а и за полесно управување на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија со отпадот, набави урбана опрема за одлагање комунален отпад. За таа цел, беше спроведена тендерска постапка и склучен договор со фирмата „Интерконстракшн“ од Прдејци која даде најповолна понуда. Набавени се 35 пластични контејнери во жолта боја со зафатнина од 1.1 м3 и 80 пластични канти со жолта боја со зафатнина од 240 л. Контејнерот во облик и димензии се изработен според стандардот МКС EN 840 - 2, 3, 5:2013 или еквивалент со механизам за негово подигнување и празнење со специјално комунално возило - ѓубретар, кое има вградено автомат (целер) на задната страна за празнење на контејнерите.
Како што истакнаа од ЈПКД „Комуналец“ кантите ќе бидат дистрибуирани до трговските претпријатија- продавници, пиљари и аптеки, обложувалници и сл. во Гевгелија и во населените места, а ќе бидат наменети за депонирање сув отпад (најлон, пластика, хартија). Истите ќе бидат обележани со налепница на која ќе ја пишува нивната намена, а од страна на ЈПКД „Комуналец“ ќе се празнат еднаш неделно.
Урбаната опрема за одлагање комунален отпад е набавена е со средства од Буџетот на Општина Гевгелија, во висина од 475.000 денари.