Ума прераснува во туристичка населба
Ума ги има сите предуслови за развој на туризмот,
за што е неопходно решавање на основните проблеми преку оддржливи партнерства на граѓаните и ЗГ„Мегленија“, бизнис-заедницата, локалните власти и Јавното комунално претпријатие. Тоа беше потврдено при посетата на директорката на Канцеларијата за развој на УСАИД, Дон Кармин на Ума и средбата со претставници на локалната самоуправа, ФЛОРИТ- Гевгелија и претставници на месната заедница во ова планинско туристичко место. Притоа, беше нагласено дека целта на граѓанската иницијатива за поубав и почист јавен простор во Ума е поддржана преку Програмата за развој на заедницата на УСАИД, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, кој проект се реализира во партнерство со ЛАГ „Бојмија“.
Имено, Општина Гевгелија, во соработка со Месната заедница во Ума, ЈПКД „Комуналец“ и неколку компании од приватниот сектор, ќе реализираат неколку активности, кои треба да придонесат за туристичкиот развој на Ума. Во прв ред, уредување на пристапниот пат од влезот во населбата кај црквата, па се до центарот. Пристапниот пат во должина од 185 метри ќе биде калдрмисан, а крај патот ќе биде поставена урбана опрема. Исто така, со проектот е предвидено чистење на сите диви депонии во атарот на селото и уредување на места за собирање отпад и негова селекција. За таа цел ќе бидат поставени специјализирани боксови за одлагање и првична селекција на отпад во селото.
За реализација на проектот од страна на Програмата за развој на заедницата на УСАИД се обезбедени 12.500 долари, меѓутоа, свој придонес за целосно завршување на сите проектирани активности ќе дадат неколку приватни компании, ЗГ„Мегленија“, Јавното комунално претпријатие во Гевгелија и Општина Гевгелија. Бидејќи, Програмата за развој на заедницата на УСАИД се залага за оддржлив развој на руралните средини во државата преку зголемена вклученост на локалните чинители во препознавање и приоретизација на вистинските потреби на заедницата. Потпирајќи се на сопствените ресурси и на зголемениот ангажман на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор во заедничките социо-економски и еколошки иницијативи.
Директорката на Канцеларијата за развој на УСАИД, Дон Кармин, ја поздрави иницијативата на граѓаните во Ума бидејќи со проектните активности се решаваат три клучни проблеми во оваа туристичка населба. Уредување на пристапниот пат што е посебно значајно, особено, ако се има предвид дека наскоро започнува и доизградбата на последната делница од патот за Ума. Одржување на чиста животна средина преку давање сопствен пример за чистење на сите депонии во и околу селото и грижа за нивно трајно отстранување. Решавање на проблемот со сметот преку изградба на специјални боксови за одлагање на отпадот и овозможување за селекција и подоцнежно отстранување на пластичниот отпад. Од друга страна, со реализацијата на овој проект, во наредните два месеци, се проширува Мрежата за рурален развој во земјата, а на ЛАГ„Бојмија“ и се овозможува - вклучување и на други туристичко погодни рурални населби од општина Гевгелија.