Одбележана 79-годишнината од излегувањето на првите партизани во Гевгелија и Гевгелиско
По повод 26 Април, со полагање цвеќе
на спомениците во централното градско подрачје, беше одбележана 79-годишнината од излегувањето на првите партизани во Гевгелија и Гевгелиско. Имено, делегација предводена од градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, членовите на Советот на Општина Гевгелија, Општинскиот одбор на СБМ- Гевгелија и претставници на политички партии положија цвеќе на спомен- бистите на народните херои во паркот пред Основниот суд, на шеталиштето пред градската фонтана, како и на Спомен- костурницата. Пред присутните, со говор за излегувањето на првите партизани во Гевгелија и Гевгелиско се обратија претседателот на Општинскиот одбор на СБМ- Гевгелија, Ристо Марковски и професорот по историја, Миле Смилков.
Во Гевгелија, на 10 април, 1941 година, започнала мобилизацијата на партиското членство. Во декември, истата година, во состав на Месниот комитет била формирана воена комисија, која во февруари, 1942 година, прераснала во воен штаб при Mесниот комитет, во кој влегле: Андон Ќурчиев, Ристо Бутров, Љубен Пецанов, Томе Катарџиев и други. Со овие активности Месниот комитет на КПЈ во градот сметало дека е дојдено време да ги организира и првите партизани во градот и околијата. За таа цел била воспоставена врска со населбите во кои партијата имала поголеми активности (Богданци, Конско, Серменин и Негорци). Во есента, 1942 година, Месниот комитет на КПЈ ги забрзал подготовките за организирање на партизани.
На 26 април, 1943 година, во Кожуф Планина се нашле првите доброволци- партизани од градот и околијата, а од Гевгелија биле: Ристо Бајалски, Димитар Григоров Зафиров, Димитар Кирилов Брзилов, Петар Христов Балабуров, Михаил Христов Делев, Василка Танова Дуганова, Јанко Милтијадев Инов (Урдинов), Надежда Васил Христова, Александар Мицев Ќаев, Марика Мицева Ќаева, Деко Андонов Ковачев, Васил Христов Карајанов, Христо Василев Поп-Ристов, Илија Танев Миов и Иван Христов Бајков. Оваа група од 15 борци пристигнала во три групи, на 26 април, на 30 април и на 3 мај заедно со борци од околните места.