Со воведувањето во градежните активности за новите водоснабдителни системи во Негорци и Прдејци, започна реализацијата на грантот од КФВ Банката
Започна изградбата на новите водоснабдителни системи
за населените места Негорци и Прдејци, со вкупна должина од 6.405 метри, како дел од проектите предвидени со реализацијата на грантот од КФВ Банка во вредност од 2,5 милиони евра. Со проектот е предвидено и реконструкција на водоводната линија до Богородица во должина од 1.500 метри. Со што ќе биде подобрено водоснабдувањето на околу 5.500 жители од населените места Негорци, Прдејци и Богородица.
Грантот од КФВ Банка истовремено опфаќа и изградба на атмосферска канализација, долж целиот јужен дел на Гевгелија на потегот Динќут- Железничка станиц, како и на улиците „Никола Карев“ и „Серменинска“, со вкупна должина од 6.388 метри.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, при увидот во градежните работи, во својата изјава упати апел до граѓаните.
- Сакам да упатам апел до моите сограѓани за трпеливост, станува збор за проекти со подолг рок на реализација и широка опфатеност, односно во вкупно времетраење од 1 година и 6 месеци. Градежните активности ќе се одвиваат на повеќе места низ Гевгелија и во одредени моменти ќе го отежнуваат нормалното движење во сообраќајот. Станува збор за проекти од суштинско значење кои ќе придонесат за директен и индиректен бенефит за сите граѓани на општина Гевгелија, истакна Сарамандов.