Решавање на сообраќајниот хаос во централното градско подрачје
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов,
на последната седница на Советот на Општина Гевгелија, одговарајќи на советнички прашања, се осврна и на неколку актуелни настани и приоритетни активности во општина Гевгелија. Притоа, тој нагласи дека решавањето на сообраќајниот хаос во градот е од приоритетно значење. Општината има проект за зонското паркирање, кој во наредниот период ќе оди на јавен увид, по што ќе следи и негова реализација. Во рамките на решението за сообраќајниот хаос, а за обезбедување поголем паркинг-простор, предвидена е, исто така, изградба на приватна катна гаража зад стариот пазар. Што се однесува до сообраќајните проблеми кај Општата болница, посебно на улицата „Белградска“ крај Детската градинка, според стручните мислења и сообраќајните услови се предлага поставување на заштини столпчиња на средната линија.
Во врска пак со локацијата на стариот градски пазар - дали да се уреди градски парк или изгради катна гаража, Сарамандов информираше дека ќе се знае откако ќе почне да се решава проблемот со сообраќајниот хаос во централното градско подрачје. Лично сметам дека таму треба да има катна гаража, а нов градски парк е предвиден кај месноста „Топлик“, нагласи градоначалникот на Општина Гевгелија, информирајќи ги советниците дека во моментот кај стариот пазар се рушат потпорните ѕидови и ограда, заради уредување на пешачка патека. Се со цел да се обезбеди поголема безбедност за пешаците, бидејќи улицата е тесна, а сообраќајната фреквенција е голема.
Што се однесува до изведбените работи на Западниот булевар, Сарамандов информираше дека работите не се стопирани, извршена е експропријацијата, и теренот е расчистен. Претстои инсталирање на водоводни и канализациони линии како и поставување електрично осветлување, така што во септември ќе биде поставен долниот строј, за што се обезбедени средства. За реновирање на Младинскиот дом во Моин, кој е во катастрофална состојба, на состанокот на Југоисточниот плански регион од вкупно 44 милиони денари, 11 милиони се доделени на Општина Гевгелија токму за овој проект, чија реализација треба да започне на почетокот на 2023 година.
Решавањето на проблемот со кучињата скитници во гевгелија е во тек, обезбеден е простор за прифатилиште во поранешниот објект на ЗИК „Винојуг“, до прочистителната станица, за кој Агенцијата за храна и ветеринарство потврди дека ги задоволува сите услови. Во моментот се работи на формирање на нова организациона единица во ЈПКД „Комуналец“ за оваа намена. Во последно време, намален е бројот на кучињата скитници во Гевгелија, благодарејќи на полициската акција во која беа откриени три комбиња, кои носат и истоваруваат кучиња од други места. Градоначалникот Андон Сарамандов најави дека Времената депонија кај Ново Конско очекува во најскоро време да проработи, издадена е Б интегрирана дозвола, а во месец април истата беше во пробна функција.
Притоа, тој ги информираше советниците дека покрај двата донесени нови урбанистистички планови, 4 чекаат на согласност во Министерството за транспорт и врски. Како посебно значајно, го издвои престојното донесување на ДУП за Урбан блок 12, за урбанизирање на просторот меѓу Вардарски Рид и Железничката станица. Во врска пак со прашањето за одземените ингеренции на Општината во поглед на ЈОУГД „Детска радост“, градоначалникот на Општина Гевгелија појасни дека надлежностите на општината не се одземени во целост, како што се тврдеше од страна на некои советници, туку надлежностите се одземени само во делот на Завршната сметка.