Во јунското невреме, предизвикани 5,6 милиони денари штета на 15,7 ха, главно на лозови насади
Дождот и градот што на 23 јуни 2022 година
ги зафати атарите на населените места Серменин, Ново Конско и Моин, предизвика штети на 15,7 хектари со земјоделски култури, главно, со лозови насади, во висина од 5.654.430 денари. Според Елаборатот за проценка на штетите што го изготви Општинската комисија за процена и утврдување на штети од елементарни непогоди, а кој го усвои Советот на Општина Гевгелија на својата 12.седница, штети од јунското невреме пријавиле 36 инидивидуални земјоделци и една компанија. Оштетувањата се движат од 20 до 100%, а најголеми штети се предизвикани на 11,5 ха со лозови насади. Советот на Општина Гевгелија, по усвојувањето на Елаборатот, заклучи истиот да се достави до Републичката комисија за процена и утврдување на штети од елементарни непогоди, до Владата на РСМ и до Министерствата за финансии и за земјоделство, шумарство и водостопанство. Истовремено, беше укажано на потребата за анимирање на инидивидуалните земјоделци за осигурување на земјоделските посеви и повторно воспоставување на градобијниот заштитен систем.
Советот на Општина Гевгелија на својата 12 седница донесе Одлука за пренамена на средства во Основниот буџет, во висина од 4.140.000 денари за јавното улично осветлување, спортот и рекреацијата, библиотекарството и културни манифестации и творештво. Со пренаменетите средства Основниот буџет останува со истиот износ, во висина од 214.802.359 денари, како и вкупниот Буџет на Општина Гевгелија, со вкупен износ од 492.628.643 денари. Со мнозинство гласови, беше донесена Одлука за долгорочно домашно задолжување на Општина Гевгелија, за финансирање на капиталниот инвестициоен проект „Изградба на водоводна, фекална и атмосферска и канализациона мрежа на улица „Свети Климент Охридски“- Гевгелија“, во висина од 39.803.000 денари. Средствата ќе бидат наменети за изградба на водоводна, фекална и атмосферска канализациона мрежа на продолжението на Западниот булевар, чија изградба веќе започна. Но, за целосно завршување на оваа значајна сообраќајна обиколница во Гевгелија, неопходна е изградба на комуналната инфраструктура.
Советниците дадоа согласност на измената и дополнувањето на Годишниот план за вработување во Општина Гевгелија за 2022 година, а беа прифатени Предлогот за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општините Гевгелија и Богданци и Предлогот за објавување на огласите за вработување и намерата за склучување договори за дело на веб и Фејсбук-страната на Општина Гевгелија. На седницата беа прифатени и неколку иницијативи за изработка на Урбанистички проекти во населени места. На 12 седница, советниците беа информирани за состојбата со употребата на наркотици и психотропни супстанци кај младите во општина Гевгелија, за состојбата со јавното осветлување во населените места во општина Гевгелија и за состојбата со авто-такси превозот на патници.