Усвоен Кварталниот извештај за извршување на Општинскиот буџет во првото полугодие
Од вкупно проектираниот Буџет на Oпштина Гевгелија
за 2022 година, во висина од 492.628.643 денари приходни средства, во првото полугодие се реализирани приходи во висина од 229.075.367 денари или 46,50%. Од вкупно реализираните приходи, тековно оперативни биле 220.723.760 денари, а 8.351.607 денари биле капитални приходи. Од планираните 212.802.359 денари Oсновен буџет на Општина Гевгелија, во првото полугодие биле реализирани 48,94%.
Ваквите буџетски остварувања им беа презентирани на советниците на Општина Гевгелија, на 15 седница на Советот на Општина Гевгелија, во рамките на расправата за Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија во периодот јануари-јуни 2022 година. За успешно реализираните буџетски приходи во првото полугодие од годината, дополнително зборува и податокот дека споредено со вториот квартал во 2021 година, годинава буџетската реализација е зголемена за 4.607.892 денари или за 4,58%.
Во првото полугодие од 2022 година, реализирани се вкупни расходи во износ од 212.785.373 денари, и тоа, 191.879.193 денари биле тековно оперативни расходи, а 20.906.180 денари капитални расходи.