Донесен Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година
Советот на Општина Гевгелија, на денешната 21. седница,
со мнозинство гласови го усвои Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година. Вкупниот Буџет на Општина Гевгелија за идната година е проектиран на 533.802.801 денар, а Основниот буџет на 242.818.917 денари. Капиталните приходи во Основниот буџет учествуваат со 11,38% или 27.650.000 денари. Покрај приходите на Основниот буџет, во структурата на вкупниот буџет се приходите на дотации во износ од 267.862.000 денари, на донации од 4.312.020 денари и на приходите на самофинансирачките активности во износ од 18.809.864 денари. За капитални расходи во Основниот буџет се предвидени 77.922.360 денари или 32,10%.
-За нас, како локална самоуправа, е најважна реализацијата на Основниот буџет и верувам дека во наредната година ќе имаме висок процент на реализација, надевајќи се дека ќе се стабилизира ситуацијата со енегретската и финансиската криза. На донесувањето на Буџетот на Општина Гевгелија, му претходеше јавна расправа, во која учествуваа месните заедници со сопствени предлози, како и граѓаните на општина Гевгелија, на отворените денови и преку електронската анкета. При конечното утврдување на буџетската рамка за идната година, земени се предвид и евидентираните предлози на граѓаните, со кои имав континуирани средби во изминатиот период, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во расправата по Предлог-Буџетот за 2023 година. Притоа, ги најави планираните проекти за реализација, согласно потребите на граѓаните, а со средства од Буџетот и средства од грантови:
- Во првата половина од наредната година, од приоритетно значење е носењето на три урбанистички плана, кои ќе придонесат за понатамошен развој на општината, но и за дополнителни приливи во Буџетот. Исто така, од приоритетно значење е и завршувањето на изградбата на атмосферската канализација во градот, во должина од 6.500 метри, но и потребата за целосно асфалтирање на раскопаните улици со средства од Буџетот. Во 2023 година, ќе продолжиме со набавката на канти за селекција на отпад за секое физичко и правно лице во градот, а во наредната година и за сите физички и правни лица во населените места. Исто така, се планира да профункционира и стационарот за бездомни животни, рече Сарамандов.
- Во тек се подготовките за изградба на улицата од поранешниот базен кај „Сенатор“ до Милци, со што во наредната година Гевгелија ќе добие уште една сообраќајна врска до граничниот премин „Богородица“. Завршена е и тендерската постапка за доизградба на Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија, со што по потпишувањето на договорот со изведувачот, ќе започнат градежните активности за обезбедување дополнителен капацитет за згрижување на дечињата од предучилишна возраст. Во 2023 година, ќе започне и изградбата на долниот строј на Западниот булевар во Гевгелија, со вовод и канализација. Во моментот, се подготвуваат основни проекти за 5 паркови со урбана опрема во градот, и тоа претежно во станбените комплекси на улиците „Илинденска“, „Коле Неделковски“, на Касарната и кај конзервната фабрика „Вори“. Во февруари, идната година, со Општина Разлог од соседна Бугарија, ќе аплицираме на Јавниот повик за ИПА-Програма за прекугранична соработка со Бугарија, со два проекти: рекреативен центар на Топлик и доизградба на одводниот канал „Рауљ“. Додека, на повикот од ИПА-ППС со Грција ќе аплицираме со проект за поставување на фотоволтаици во училиштата во Гевгелија, информираше градоначалникот на Општина Гевгелија.
- Од септември 2023 година, планираме бесплатен оброк за учениците, чии родители се корисници на минимална гарантирана помош, додека за лицата со посебни потреби ќе бидат доделени субвенции за набавка на електронски инвалидски колички. Исто така, ќе бидат доделени субвенции и за набавка на велосипеди, рече Сарамандов, нагласувајќи дека планирани се повеќе проекти за реализација во сите населени места:
- Во Миравци се планирани изградбата на пазар и реконструкција на спортско игралиште, во Негорци бетонирање и асфалтирање на неколку улици, поставување урбана опрема и изградба на кошаркарско игралиште, во Богородица завршување на градежните активности за реконструкција на стариот објект на „Винојуг“, реконструкција на Младинскиот дом и рехабилитација на водоводната мрежа. Во Габрово планирана е изградба на нов водовод, промена на постоечките светилки во уличната мрежа и поставување банкини на патниот правец Миравци - Габрово, во Давидово ќе бидат решени проблемите со краците од новата канализација, кои не се во функција и уредување на парк со урбана опрема, во Мрзенци ќе се бетонираат две улици позади Домот и поставување на атмосферска канализација на главната улица, во Конско реконструкција на водоводот и асфалтирање на еден влез во селото, во Прдејци е планирано довршување на новиот цевковод, бетонирање и асфалтирање на улици и расчистување на речното корито на Кованска Река. Додека, во Ново Конско се планира бетонирање на улицата во горниот дел од населеното место и поставување на хоризонтална сигнализација, во Петрово бетонирање на улица и санација на каналот за отпадни води, во Смоквица бетонирање улици, чистење на дивата депонија и реконструкција во уличното осветлување, во Моин реконструкција на Младинскиот дом и бетонирање на улицата до училиштето, поставување урбана опрема, а во Милетково изградба на канализациона мрежа доколку биде одобрен грантот, ги информираше советниците и јавноста при донесувањето на Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.