Усвоен Кварталниот извештај за првото тримесечје
На 26. седница, Советот на Општина Гевгелија,
со мнозинство гласови го усвои Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година, за периодот јануари-март (кумулативно) 2023 година. Во овој период, од вкупно проектираниот Буџет на Општина Гевгелија за 2023 година, во висина од 573.605.801 денар, реализирани се приходи во висина од 132.796.666 денари или 23,15%, од кои тековно оперативни приходи 116.100.808 денари и 16.695.858 денари капитални приходи. Додека, реализирани се вкупно расходи во висина од 127.242.242 денари, од кои 112.260.939 денари се тековно оперативни расходи и 14.981.253 денари капитални расходи. Во Основниот буџет, од планираните 242.818.917 денари реализирани се 32.023.630 денари приходи или 25,54%. Додека, во структурата на реализираните расходи на Основниот буџет во висина од 61.092.183 денари, капиталните расходи учествуваат со 14.834.031 денар или 24,28%.
По опстојната расправа од членовите на Советот на Општина Гевгелија, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, даде осврт на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија во првото годинашно тримесечје.
- Во овој квартален период, има зголемување и на приходите и на расходите, како и намалување на доспеаните и недоспеаните обврски од 83.000.000 денари на 66.000.000 денари. Зголемувањето на приходите се должи на зголемените даночните приходи - данок на имот од 20%, уплатениот комунален надомест за легализација на земјиште и продажбата на градежното државно земјиште. Во делот на расходите, како резултат на зголемувањето на приходите, се подмирија обврските на Општина Гевгелија по основ рата за кредити, обврски кон правни лица, кон ЈПКД „Комуналец“, како и за изработка на урбанистички планови, договорни и правни услуги и услуги, кои ги дава Општина Гевгелија за граѓаните. Генерално, тие се причините за поголемите приходи и во одредени ставки зголемување на расходите.
Ако се земат предвид бројките и споредбените податоци со годините наназад, имаме одлична реализација на Основниот буџет. Во наредниот период и во иднина ќе се залагам за уште поголема реализација на Основниот буџет, но и продолжување со изработка на основни проекти и аплицирањето на сите државни и меѓународни повици за добивање средства за реализација на капитални проекти од суштествено значење за граѓаните на општина Гевгелија, истакна Сарамандов.