Раководството на „Бојмија“ на прием кај градоначалникот Сарамандов
По повод постигнатите успеси во изминатиот период
на Ансамблот „Бојмија“ во презентацијата на македонскиот фолклор и традиција, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средба со раководството на гевгелискиот ансамбл, Игор Илиевски и Никола Миовски.
На средбата, стана збор за учествата на членовите на манифестациите во 2023 година, на кои постигнаа значајни успеси- Меѓународниот фолклорен фестивал „Тодорица 2023“ во Свети Николе - освоена „Гран при“ награда, Меѓународниот фестивал „Велигденски средби“ во Ораовица, Радовиш, каде, исто така, помеѓу останатите фолклорни ансамбли и културно-уметнички од дражавата и странство ја добија највисоката награда „Гран при“ и учеството на Меѓународниот фолклорен фестивал во Назили, Турција, на кој на Ансамблот „Бојмија“ му беа врачени бројни награди и признанија. Покрај изминатите активности, на средбата се разговараше и за тековните и активностите кои ги планираат во иднина.
Раководството изрази благодарност до градоначалникот Сарамандов за континуираната поддршка на активностите на „Бојмија“ во презентацијата на македонскиот фолклор и традиција преку Програмата за финансиска поддршка на културните активности од интерес на општина Гевгелија.
Несомнено, „Бојмија“ е културен амбасадор на општина Гевгелија и Република Македонија. Ансамблот за традиционална музика и игра „Бојмија“ од Гевгелија е формиран 2004 година. Во него членуваат 120 членови на возраст од 10 - 25 години. Работи во 3 секции кои ги изучуваат традиционалните игри и песни од Јужновардарскиот Регион на Република Македонија - Бојмија, како и од другите краеви на државата. Ансамблот работи и со млади и талентирани музичари кои ја изучуваат македонската традиционална музика.