Наскоро, во Гевгелија и Богданци достапна услугата лична асистенција на лица со попреченост
„Грижата за вашите најблиски имате
кому да ја доверите“, е паролата на ОО Црвен крст- Гевгелија за воведувањето на социјалната услуга, лична асистенција на лица со попреченост на подрачјата на партнер-општините Гевгелија и Богданци. Оваа бесплатна услуга, која ќе ја дава ОО Црвен крст- Гевгелија, ќе се испорачува од страна на 12 сертифицирани лични асистенти- 10 во Гевгелија и 2 во Богданци, а во рамки на Проектот на Министерството за труд и социјална политика за подобрување на социјалните услуги на локално ниво, со поддршка од Светска банка.
Согласно законските одредби, корисници на услугата можат да бидат лица со потешка и најтешка телесна попреченост или комбинирана и лица со целосно оштетен вид- деца од шестгодишна возраст и возрасни со намален функционален капацитет, со што им се нуди целосна помош и поддршка во домот, работното место, образовниот процес или во заедницата во која живеат.
За повеќе информации, потенцијалните корисници можат да се обратат директно во просториите на ОО Црвен крст- Гевгелија и на телефонскиот број: 077 699 036, лице за контакт: Анита Јовановска, проектен коорднинатор.