Промовиран Проектот за изработка на стратешки документ за лицата со попреченост
Во хотел „Аполонија“- Гевгелија, во организација
на партнер-имплементаторите беше одржан промотивен настан за проектот: „Изработка на Локална стратегија за развој и подобрување на социјалниот живот, вклученост и квалитетот на животот на лицата со попреченост во општина Гевгелија над 15 години“. Претставници од Општина Гевгелија, ЈУМЦСР- Гевгелија, Здружението на инвалидски организации- Гевгелија, Национална алијанса за лица со посебни потреби- Гевгелија и Фондациите „Аполонија“ и „Ице Бегов“ ја запознаа пошироката јавност со целите и активностите, како и ангажманот на институциите и невладините организации за спроведување на Проектот.
- Општина Гевгелија, вклучувајќи се како партнер во Проектот инициран од Фондациите и Здруженијата на граѓани, ќе ги стави на располагање сите ресурси за успешна имплементација, се со цел да се добие реална база на податоци преку мапирање, врз чија основа локалната самоуправа ќе ја остварува надлежноста во областа на социјалната заштита. Надоградувајќи ги постоечките, но и креирање нови социјални услуги од значење за непречено живеење на лицата со попреченост во рамки на Програмата за активностите на Општина Гевгелија за поддршка на ранливите категории граѓани, истакна Петар Јанчев, претставник од општинската администрација.
- Со потпишувањето на Меморандумот за соработка, секоја партнер-организација во изработката на Локалната стратегија, ќе придонесе за надминување на бариерите и обезбедување подобри услови за живот на лицата со попреченост од општина Гевгелија. Центарот располага со постоечка база на податоци, но со имплентацијата на проектот, целта е поголема- да се допре до поголем бројка граѓани кои не се евидентирани, а имаат право да ги користат услугите и правата согласно Законот за социјална заштита, истакна в.д. директорката Васка Илиева, информирајќи ги присутните за бројот на лицата со попреченост евидентирани во ЈУМЦСР- Гевгелија.
Од страна на Даниела Кангова, претставник на Здружението на инвалидски организации на Гевгелија и претседател на Здружението на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“- Гевгелија, беа презентирани најгорливите проблеми со кои се соочуваат членовите и ги дискутираат на нивните состаноци:
- Изразуваме благодарност за вклучувањето во Проектот, затоа што тоа е и нашата цел: „Ништо за нас без нас“. Никој не може подобро да знае што му треба на лицето со попреченост освен семејствата на лицата кои живеат со нив и самите лица со попреченост. Многу е важно мапирањето затоа што има индивидуален пристап, од што ќе произлезе пишан документ во кој ќе бидат синтетизирани индивидуалните потреби, а врз чија основа системски ќе се решаават проблемите. Со овој Проект, како општество, правиме исчекор напред, надевајќи се дека еден ден Гевгелија ќе биде град во којшто инвалидитетот и попреченоста нема да биде пречка за некој да живее нормално.
- Идејата за овој проект, кој денес се промовира, се роди од прашањата кои призлегуваат од средбите и дискусиите, споделените животни искуства, проблеми, тешкотии, но и товарот на мајката во македонското семејство: „Што по нас родителите и старателите на дете со попреченост?“, „Зошто да не ни бидат олеснети околностите?“ имајќи го предвид фактот дека овие прашања се причина за многу непреспиени ноќи и неизвесност. Проектот нема да заврши само со мапирање, туку ќе биде база за евиденција, ажурирање податоци и идни потреби на генерациите кои доаѓаат по нашите деца и нови проекти, покрај постоечките: како работилници за стекнување вештини за самостојно живеење, работоспобност, адаптирање во социјално општествено живеење преку нови проекти, истакна Љубица Роксандиќ, родител на дете со попреченост и член на Здружението Национална алијанса за лица со попреченост.
За причината зошто Проектот ги таргетира лицата со попреченост на возраст над 15 години, зборуваше Зорица Трајкова, претседател на Здружението Национална алијанса на лицата со попречност:
- Проектот е креиран врз основа на искуството на родителите чии деца претходно биле мали, но сега се веќе возрасни лица и чии потреби се многу поразлични и бараат поинаков пристап и третман. Во моментот, бројот на лица кои ги користат услугите во Центарот „Мајка Тереза“ е околу 90, од кои една десетина се лица со попреченост над 15 години. Што значи, во иднина ќе имаме многу лица кои имаат 15, од кој факт произлезе и иницијативата за ваквата соработка помеѓу институциите невладините здруженија и фондации, каква што досега не се памети со единствена цел- сите за подобар живот на лицата со попреченост.
- Зрелоста на едно општество се мери со односот на таа заедница кон лицата од социјално- ранливите категории. Без разлика на бирократските и традиционални бариери, како поединци сме должи да видиме што може и сами направиме само ако постои добра волја и соработка, како што покажа Фондацијата „Ице Бегов“ со донирањето наменско возило на Општина Гевгелија за лицата со попреченост. Целта е овој проект да биде одржлив, истакна Аце Ристовски, директор на Фондацијата „Аполонија“- Гевгелија, изразувајќи го задоволството што Општина Гевгелија и ЈУМЦСР- Гевгелија ги отворија вратите, ставајќи ги на располагање своите ресурси. Имено, Ристовски ги повика сите локални чинители да покажат општествената одговорност и да го поддржат Проектот.
За конкретните активности од првата фаза на Проектот, односно социјалото мапирање, зборуваше Елена Бегова, директор на Фондацијата „Ице Бегов“- Скопје. Имено, мапирањето за потребите на лицата со попреченост на подрачјето на општина Гевгелија ќе се спроведува со анкетен прашалник согласно Законот за заштита на личните податоци. Наведувајќи дека проектот во спомен на нејзиното дете Ице Бегов е да се подаде рака на лицата со попреченост и нивните семејствa со една единствена цел- Гевгелија да стане место за живеење без бариери и предрасуди.
Проектот за изработката на Локална стратегија за развој и подобрување на социјалниот живот, вклученост и квалитетот на животот на лицата со попреченост во општина Гевгелија над 15 години е поддржан и од Министерството за труд и социјална политика.