Со културни активности одбележан Патрониот празник на Гевгелија- Спасовден
Со одржувањето на последните активности од областа на културата,
на третиот ден од Спасовден, заврши неговото чествување како Патрон и заштитник на општина Гевгелија. За која програма, беше одговорна ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, под покровителство на општина Гевгелија.
За третиот и последен ден од културното чествување на Спасовден, во Клуб-галеријата на Народниот театар, беше отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија. На која со свои дела учествуваа 17 гевгелиски ликовни уметници: Јордан Јанев, Атанас Крстов, Драги Хаџи- Николов, Катерина Чугунска, Фило Танов, Александар Јанев, Горан Јованов, Мирјана Крстева Массетти, Перо Кованцалиев, Вангел Срнаков, Иван Кал’чев, Ана Марија Митриќеска Кал’чева, Михаил Петров, Гордана Петрова, Ана Петрова и Адриана Манчева.
По отворањето на Изложбата на ДЛУГ, се одржа промоцијата на две книги од проф. д-р Васко Шутаров. Промотори на „Со зрно сол и парче локум“ и „Кога татковината станува чедо, а вистината борба“ беа Елка Јачева- Улчар, Бранко Цветкоски и Ирина Димовска.
На самиот празник и денот по него, Спасовден се чествуваше во духот на традиционалната и современата уметност. Домот на културата „Македонија“- Гевгелија креираше соодветна програма за сечиј вкус и секоја генерација, за сите гевгеличани- од чаршиска народна песна и музика до модерна танцова претстава. Се пееше гевгелиската химна „Трби, трби гевгелиско“, традиционалниот белег на „Распеана чаршија“, се распосла народната песна и музика од вокалите на пејачите и звукот на инструментите по улиците и отвореното небо над Гевгелија со дефилето и настапите на КУД „Распеани гевгеличани“ и годинашните учесници- распеани чаршијци од: Крива Паланка, Валандово, Штип, Струмица, Свети Николе и Велес. Се танцуваше на сцената во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија, во име на женскиот пол, за лицата од ранливите категории поради предрасудите и проблемите со кои се соочуваат младите во денешницата. Таков спектакл им приредија на гевгеличани Скопје танцов театар со претстaвата „Табу Република“, во режија на Бобан Русески, а во продукција на Интерарт културен театар.