Почна реконструкцијата на Младинскиот дом во Богородица
Во Богородица, започна реконструкцијата на
Младинскиот дом „Мите Танов Коми“. Во тек се подготвителните работи за реконструкцијата на овој младински дом, со којашто во предвидените рокови ќе бидат изведени повеќе градежни работи. Целта е да се изврши комплетно внатрешно и надворешно уредување на Домот во Богородица, истакна при увидот во изведбените работи градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Вкупната сума на проектот изнесува 10.224.234 денари, од кои 2.044.847 денари се средства од Општинскиот буџет за 2023 година, а разликата се средства од Бирото за регионален развој. Имено, на Општина Гевгелија и беше доделен грант по успешната апликација на Јавниот повик за финансирање проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив и урбан развој, развој на подрачјата со специфични развојни потреби и развој на селата. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, нагласи дека по долги години, а по финализацијата на проектот, конечно објектот ќе им биде ставен во функција на богородичани за одржување културно-уметнички активности, како и за одбележување настани од значење за Богородица.