Ставен во функција новиот водоснабдителен систем за Прдејци
По завршувањето на градежните активности, во Прдејци,
се стави во функција новиот водоснабдителен систем, со што конечно и долгорочно се решава водоснабдувањето во ова населено место. За таа цел, беше изграден доводен цевковод до Прдејци што го спојува градскиот резервоар со водоводната мрежа на Прдејци, во должина од 4.653 метри. На ставањето во функција на водоснабдителниот ситем во Прдејци присустваа: градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, претставници на Советот на Општина Гевгелија, ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Месната заедница и жители на Прдејци, како и други гости.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во своето обраќање по повод финиширањето на Проектот, истакна:
- Проектот се реализираше во рамки на Програмата за водовод и канализација во Македонија, Фаза 2, набавки на работа за општина Гевгелија“, финансиран со грантот од КWF Банката, одобрен во 2017 година. Вкупната вредност на проектот, којшто се реализираше во 2022 и 2023 година, изнесува 29.078.119 денари. Со изградената шахта со хидромеханичка опрема, којашто ќе овозможи да се регулира доводот на вода и со целосната реализација на проектот, на жителите на населеното место Прдејци им се решаваат долгогодишните проблеми со водоснабувањето, а отсега пак натаму ќе добиваат стабилно и квалитетно водоснабдување преку целата година.
Исто така, Сарамандов нагласи дека во рамките на Прoграмата за водовод и канализација во Македонија, Фаза 2 која се реализира со германскиот грант, покрај изградбата на водоснабдителниот систем во Прдејци, се реализираат и реконструкцијата на водоводната линија до Богоршдица во должина од 1.500 метри, атмосферската канализација на 1/3 во јужниот дел на градот, како и на улиците „Никола Карев“ и „Серменинска“, со вкупна должина од 6.388 метри. За околу десеттина дена, Сарамандов најави дека ќе завршат и изведбените работи за изградба на цевководот кон Негорци кога и официјално ќе бидат пуштетни во употреба двата нови водоснабдителни системи за Прдејци и Негорци.