Одбележан 2 Август во Гевгелија
Во Гевгелија, 2 Август, односно 120-годишнината
од денот на Илинденското востание и 79-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, беа одбележани со положување цвеќе на спомен-обележјата. Свежо цвеќе пред Спомен-костурницата на паднатите борци, споменикот на Сава Михајлов и спомен-бистите на првоборците од НОБ, положија: градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; претставници на Советот на Општина Гевгелија и Општинското здружение на Сојузот на борци- Гевгелија, како и претставници на политичките партии и функционери.
Пред присутните се обрати секретарот на Општинското здружение на Сојузот на борци- Гевгелија, Ангел Алчинов, кој истакна дека двата Илиндена се датуми коишто ја носат државотворноста и кои се производ на обединувањето на сите македонски сили кои од средината на 19. век, па сè до 1944, се бореа за формирање македонска држава со македонски идентитет и афирмација на Македонија како рамноправен член на светското семејство. Затоа, од денешен аспект тие имаат уште поголемо значење.