Ново противпожарно возило за ТППЕ- Гевгелија за справување со шумски пожари
ТППЕ- Гевгелија доби ново противпожарно возило
за справување со шумски пожари. Примопредавањето на возилото е извршено со потпишување на договорот помеѓу градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; директорот на Центарот за развој ЈИПР, Ѓоко Камчев и командирот Игор Ризов, во ТППЕ- Гевгелија. На Општина Гевгелија, новото возило и е доделено преку Проектот: „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи- еFIDAR“, a во рамки на Interreg IPA Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција - Македонија.
- Новото противпожано возило е добиено како резултат на прекуграничната соработка помеѓу Југоисточниот Плански Регион и Република Грција, во вредност од 105.000 евра. Со ова возило, како и со претходно добиеното помало теренско возило-џип преку Дирекцијата за заштита и спасување по моја иницијатива, очекувам да се зголеми ефикасноста во справувањето со шумските пожари на ТППЕ- Гевгелија, но и да одговори за потребите на ТППЕ- Гевгелија во справувањето со пожари во урбани средини, т.е на подрачјата на општините Гевгелија, Богданци и Дојран што ги покрива ТППЕ- Гевгелија. Впрочем ние, како локална самоуправа имаме обврска и во иднина да обезбедиме што подобри услови за функционирање на ТППЕ- Гевгелија, истакна градоначалникот. Сарамандов.
- Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го спроведува Проектот: „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи - eFIDAR“. Центарот е проектен партнер во овој проект и го имплементира заедно со Регионот на Централна Македонија, Грција и Центар за управување со кризи, Република Македонија. Проектот е финансиран од страна на Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција - Македонија, истакна директорот Камчев.