Општина Гевгелија се раздолжува од обврските
Советот на општина Гевгелија на денешната седница донесе
одлука за одобрување на средствата за финансирање на доспеаните, а неплатени обврски на општина Гевгелија кон доверителите. Имено, согласно Законот за финансиска поддршка на единиците на локалната самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски, од Буџетот на Република Македонија се обезбедени средства за покривање на 51% од пријавениот долг заклучно со 30 септември 2018 година. Вкупно пријавениот износ на долгот од општина Гевгелија до овој рок иснесуваше 118.876.728 денари, а од страна на Влада на РМ на општина Гевгелија и се префрлени 60.627.131 денари.
Со овие средства ќе биде измирен дел од долгот на 12 доверители со кои беа водени преговори и согласно законските одредби е постигнат договор за исплата на обврските. На списокот на доверители со најголеми побарувања за измирување на долгот се наоѓаат фирмите „Еуроинг“, „Жикол“, „Мак-инжинеринг“,„Бауер БГ“, како и ЈПКД „Комуналец“. Според градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков од вкупно наследениот долг од 143 милиони денари минатата година од општинскиот буџет беа измирени 20%, а со доделените средства од републичкиот буџет ќе бидат измирени 51% од долгот кон доверителите. Во меѓувреме, од општинскиот буџет дополнително се исплатени помалите износи на обврски кон одделни доверители. Така, што по реализацијата на овој, како што тој нагласи, „проект“ за раздолжување на општината, од општинскиот буџет остануваат за измирување од општинскиот буџет уште 18 милиони денари.