Завршен настан по реализацијата на Проектот за Прочистителната станица во Гевгелија
Во Гевгелија, вчера, се одржа завршниот настан
по реализацијата на Проектот за изградба на Прoчистителната станица кај Сува Река, Гевгелија, којшто е означен како исклучително важен инфраструктурен проект. Пред сè, како резултат на соработката на три држави: Швајцарија, Грција и Северна Македонија и активното учество на Oпштина Гевгелија и нејзиното Jавно комунално претпријатие. Важноста на овој Проект ја потврдија и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова; амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман; амбасадорката на Грција, Софија Филипиду и градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, кои присуствуваа на овој настан. Но, и поранешните градоначалници и директори на Комуналното претпријатие, бидејќи во изминатата деценија реализацијата на овој проект покажа како со добра и посветена соработка можат да се постигнат повеќекратни продобивки и одржливост.
Изградбата на Прочистителната станица за отпадни води придонесува за подобрување на условите за живот на граѓаните на две држави и за заштита на животната средина со испуштање чиста вода во реката Вардар. Но, и за приближување на нашата земја до ЕУ и барањата на европските директиви за води, а успешното затворање на депонијата ѝ овозможува на општина Гевгелија да управува со својот цврст отпад, којшто сега се депонира на санитарна депонија, на побезбеден и поодржлив начин. Во текот на реализација на Проектот, којшто содржи повеќе компоненти, направена е прераспределба на швајцарските средства и финансирање на инсталацијата на фотоволтаична централа, којашто покрива околу 30% од потребната електрична енергија за Прочистителната станица и оттука овозможи делумно самопроизводство на електрична енергија. Изградбата на Прочистителната станица со повеќе компоненти претставува трилатерален проект, вреден 10,6 милиони евра, којшто е финасиран од владите на Швајцарската Конфедерација, на Република Грција, Република Северна Македонија и Општина Гевгелија.
- Овој проект е симбол на една успешна соработка, проект со којшто просторот на една црна еколошка точка во општина Гевгелија се претвори во еко-средина по највисоки стандарди, истакна градоначаникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, поздравувајќи ги присутните на вчерашниот настан. За Општина Гевгелија, оваа станица има големо значење не само од еколошки аспект туку и можност за подобрување на прекуграничната соработка и остварување нови можности за унапредување на инвестициската клима, а истовремено и развој на туризмот. Во ноември 2022 година е потпишан Договорот за затворање на депонијата како дел од овој проект. Во март 2023 година, се заврши со градежните работи за затворање на депонијата и изградбата на потпорниот ѕид во Конска Река, со што се реши еден доста горлив еколошки проблем којшри ја мачеше Гевгелија. Настанатата енергетска криза од 2022 година предизвика планирање на алтернативни извори на енергија, па така во април 2023 година дојде до потпишување на Договор за реализација на Проектот за изградба на фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 100 киловати, исто така, како дел од овој проект. Во ноември 2023 година, завршија градежните активности за изградба на Фотоволтаичната централа, којашто ќе има за цел да го ублажи ударот од енергетската криза, а истовремено да придонесе во понатамошен развој на самата Прочистителна станица- Гевгелија. На крајот, сакам да порачам дека преку реализација на вакви проекти, бенефит имаат граѓаните, но и сите ние. Се надевам дека нашата соработка нема да застане тука и во иднина ќе имаме можност да реализираме уште вакви проекти од значење за нашите земји, истакна Сарамандов.
Министерката Каја Шукова во своето обраќање истакна дека овој проект покажува дека државата, локалната самоуправа и нашите партнери, држави членки на ЕУ и оние што не се како, Швајцарската Конфедерација, имплементираат проекти со повеќе компоненти што се во интерес и на државата и на животната средина.
- На овој начин го исполнуваме законодавството што е усогласено со тоа на ЕУ, што е приоритет на Владата, но верувам и на секој граѓанин на државата. Се надевам дека вакви успешни проекти што имаат повеќе компоненти ќе остваруваме и понатаму и се надевам дека она што го направиваме ќе се оддржува и тоа не само од Јавното комунално претпријатије туку и од сите граѓани, порача Шукова од Гевгелија.
- Овој проект е посебен поради неколку причини. Тој успешно се приспособи и ги надмина неочекуваните предизвици, особено, значителното зголемување на тарифите за енергија што ги доведе во опасност работењето и финансиската исплатливост на прочистителната станица и успеа да ја затвори нестандардната депонија, истакна во своето обраќање амбасадорката на Швајцарија, Н.Е Вероник Улман, додавајќи дека сите партнери го исполнија својот дел од договорот и можеме да бидеме горди што овие заеднички напори доведоа до успешна реализација на Проектот. На крај, таа ги охрабри Општина Гевгелија и Јавното претпријатие да продолжат со напорите и дополнително да го прошират капацитетот на соларните панели со цел да се намалат на минимум тековните трошоци.
- Грција е присутна во овој проект од 2001 година, а има придонесено со 2 милиони евра. Заедно со првичниот Проект за изградба на Прочистителна станица за управување со води, којшто заврши во септември 2018 година, затворањето на депонијата и изградбата на заштитниот ѕид на брегот на Сува Река, се сеопфатен одговор на клучниот локален, па дури и прекуграничен еколошки предизвик, рече амбасадорката на Грција, Н.Е. Софија Филипиду, во своето обраќање.
Инаку, настанот започна со посетата на министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, заедно со амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман; амбасадорката на Грција, Н.Е. Софија Филипиду и градоначаникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, на локацијата на Прoчистителната станица за отпадни води во Гевгелија. Притоа, направија увид во реализираните активности од последната фаза на Проектот: чистење и затварање на дивата депонија и изградба на фотоволтаичната централа за потребите на Прочистителната станица.