Извршен технички прием на Динќут
На спортско-рекреативниот центар Динќут
извршен е технички прием на проект, што го изведуваше фирмата „Универзал градба“ од Струмица, а во присуство на фирмата „Хидроенергоинжинеринг“, која го вршеше надзорот. Притоа, беше направен записник за предавање на центарот на општина Гевгелија, по санирање на одредени помали недовршени работи од страна на изведувачот. Инаку, на Динќут во тек е акцијата за целосно чистење на теренот, по што ќе уследи и хортикултурно уредување. Паралелно со ваквите активности, преостанува внатрешното уредување на куќичката на влезот во спортско-рекреативниот центар, која ќе се користи и како чуварска куќичка. Покрај ова се подготвува пресметка и проектна документација за доградба на тоалети на овој дел од центарот.
Уредувањето на Динќут е дел од проектот „Афирмација на природните и културните вредности во пограничниот регион", за чија реализација на општина Гевгелија од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија и беа одобрени ЕУ се доделени 169.692 евра. Овој проект општина Гевгелија го реализираше во партнерство со Агенцијата за локален развој во Банско, Бугарија. Покрај инфраструктурниот дел од проектот, предвидени се и повеќе други содржини.
Инаку, Динќут секојдневно и секој викенд привлекува се поголем број гости, и тоа, уште пред неговото целосно профункционирање. На ова поранешно гевгелиско излетиште, а денес во место за спорт, забава и рекреација, уредени се детско игралиште за мал фудбал, детско игралиште со реквизити и опрема за забава на деца - трамбулина, тобоган и лулашки, вештачка карпа за искачување, како и детско игралиште со опрема од природни материјали. Покрај ова, уредена е фитнес зона и амфитеатар со платно за проектирање, поставени се три летниковци за одмор,како и друга опрема. Уредена трим патека опремена со реквизити за трчање и вежбање наменети за возрасната група на посетители, изработени целосно од природни материјали.