Гевгелија повторно меѓу најтранспарентните институции во државата
Центарот за граѓански комуникации во својот извештај насловен
,,Индекс на активна транспарентност 2019’’ ја оцени општина Гевгелија како високо транспарентна општина со 84.6 поени. Со тоа општина Гевгелија се рангираше како 6-та најдобра рангирана институција во државата, додека првите пет места ги заземаа општина Битола (со 87.7 поени), Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (87.5 поени), додека Владата на Република Северна Македонија, Министерството за локална самоуправа и Министерството за одбрана освоија по 85 поени.
Општина Гевгелија ваков висок резултат забележа и минатата година. Ваквите постигнувања ја категоризираат нашата општина како една од најтранспарентните општини и пример за другите институции. Всушност, во Извештајот се констатира дека трета година по ред се бележи напредок во поглед на зголемувањето на транспарентноста на сите институции во земјата. Тоа е најдобар показател за напредокот во стратешките определби за европска интеграција, владеење на правото и демократијата.
Една од јасните заложби на општина Гевгелија е да биде целосно транспарентна институција и со тоа да биде вистински сервис на граѓаните. Транспарентноста подразбира добро владеење и владеење на правото, како и отвореност кон граѓаните. Недостатокот на транспарентност, пак, создава сомнеж, недоверба и несигурност кај граѓаните. Нетранспарентноста создава погодно тло за корупција, неодговорни институции, лажни вести и популизам. Ова се модерните болести на општествата од 21 век кои како некоја зараза се шират на сите континенти и на сите меридијани. Затоа транспарентноста е прв чекор кон одговорност на институциите, искоренување на корупцијата, лажните вести и популизмот.
„Отвореноста, транспарентноста, одговорноста на институциите пред граѓаните, не само што е моја обврска како градоначалник; таа е бенефит за граѓаните, но истовремено е и придобивка за мене како градоначалник и како политичар. Транспарентноста и отвореноста, лесниот пристап на граѓаните при добивањето информации и давањето сугестии и мислења е корисно при подготовката на новите политики и мене ми дава подобар увид во размислувањата и волјата на граѓаните, нивните потреби, нивните визии и желби. Сите овие добри практики- отвореноста, транспарентноста, размената на мислења- создаваат поврзаност меѓу граѓаните и институциите. Со тек на времето институциите на еден или на друг начин учат да бидат одговорни пред граѓаните’’-изјави градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.