Обезбеден грантот за изградба на водоводната мрежа на Караорман
Општина Гевгелија со грант средства од
Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП во износ од 4,17 милиони денари ќе изгради водоводна мрежа во должина од 1,7 километри во населбата Караорман, во Гевгелија. Ова беше потврдено со потпишувањето на договорот од страна на заменик министерката за финансии Ширет Еелези со 12 градоначалници на општини, меѓу кои и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков. На 12 општини им се ставени на располагање 165 милиони денари преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП, кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. Од вкупните средства, 136,8 милиони денари се заеми по исклучително поволни каматни, под 1%, додека 28 милиони се грант средства за општините.
Грант средства добиваат општините Гевгелија, Брвеница, Бутел, Дебрца, Гостивар, Илинден, Кисела Вода, Гази Баба, и Чешиново Облешево На општина Гевгелија грантот и е доделен за успешно реализираниот проект за водоснабдување со кредит од Светска банка и сопствено учество. Со грант средствата во износ од 4,17 милиони денари ќе биде изградена водоводна мрежа во должина од 1,7 километри во населбата Караорман, а општина Гевгелија ќе го финансира поставувањето на препумпна станица. Тендерот за реализација ќе биде веднаш распишан по што и започнува реализацијата на проектот.