Смоквијадата е гевгелиски бренд
-Добредојдовте на 13-та по ред Смоквијада 2019,
која од година во година ја афирмира Гевгелија, позната по многу нешта, но, и по смоквите и другото јужно овошје. Секако и по квалитетното слатко од смокви, кое од памтивека го приготвувале нашите мајки и баби.
порача синоќа градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, на свеченото отворање на Смоквијада 2019 во хотел-казино „Фламинго“.
Притоа, Поцков потсети на гевгелиската традиција: во секој дом со слатко од смокви и со чаша вода порано се манифестирало гостопримството во секој дом. Денес на гостите им нудиме многу повеќе - цела палета на еко производи од ова поднебје, но и многу туристички погодности, музика и забава. Затоа, дозволете ми да Ви посакам во наредните три дена на Смоквијада да уживате во
-Вкусното слатко од смокви, што ќе го подготват 10-те годинашни екипи, кои учествуваат на манифестацијата.
-Прекрасната музика што годинава ќе ни ја донесе балканската звезда Хара Мата Хари, нашите фолклорни ансабли и другите уѕчесници.
-И забавата што ќе ни ја приредат младите македонски и грчки ди-џеји.
Годинава манифестацијата е проширена, временски и содржински, така што со право станува гевгелиски бренд, рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, ги поздрави сите учесници за негување на традицијата, им се заблагодари на подржувачите на манифестацијата и компаниите кои придонесоа Смоквијадата годинава да биде побогата и позабавна, а посебна благодарност упати до здружението „Тера“, кое овозможи Смоквијадата да опстојува 13 години.