Во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија предадени во употреба 21 нова училница
Во Гевгелија денес, во пресрет на 8 септември
- Денот на независноста на Република Северна Македонија, беа предадени во употреба новоизградените училници во СОУ„Јосиф Јосифовски“. Учениците од овој средноучилишен центар новата учебна година ја започнаа во 21 новоизградена училница, со што се создадени услови за едносменско работење. Проектот беше реализиран со заем од Светска банка, преку Проектот за подобрување на општински услови (МСИП), но и сопствено учество на општина Гевгелија, По тој повод во СОУ„Јосиф Јосифовски“ беше одржана свеченост на која пред бројните гости, ученици и професори, најпрво, се обрати заменик министерката за финансии на Република Северна Македонија, Ширет Елези:
-Инвестирањето во едукацијата е најважната инвестиција на една Влада. Кога инвестираме во нови училишта, во подобро образование, ние инвестираме во нашата иднина. И централната власт и локалната власт мора да соработуваат со цел на секое дете да му ги обезбедиме потребните услови за учење. Едно дете не треба да се грижи дали има училна, дали таа е правилно осветлена, дали има столчиња или клупи. Тоа е нашата задача. Овие проекти се пример за добрата визија на еден градоначалник. Проектот е реализиран преку Проектот за подобрување на општинските услуги, МСИП, во рамки на Министерството за финансии, со финансиска поддршка на Светска банка, во висина од 34,7 милиони денари.Со овој под-проект се изврши надградба на два ката на западниот дел од објектот, односно се изградија дополнителни 21 нови училници во кои ќе може да учат вкупно 448 деца, како и изградба на дополнителни санитарни јазли во овој дел од објектот согласно потребите. Реконструкцијата и надградбата на објектот се изврши со материјали кои овозможуваат добра термичка и звучна изолација со што ќе се постигнат минимални температурни загуби и енергетска ефикасност на објектот, рече Елези и нагласи:
-После успешната реализација на овој под-проект финансиран со средства од под-заем, Општина Гевгелија се здоби со право на користење на грант средства во рамките на МСИП проектот, коишто ќе ги искористи за Изградба и санација на постојниот мешовит канализационен систем на улици во Гевгелија.Во оваа прилика би сакала да кажам дека преку МСИП е реализиран и проект за водоснабдување на Гевгелија од кој директна корист имаат 19 илјади жители. Вкупната вредност на овој проект изнесува 99,5 милиони денари, од кои 83,5 милиони денари се обезбедени преку Светска банка, а 16 милиони денари се ИПА грант од Европска Унија. Како Влада и натаму ќе се грижиме за рамномерен развој на ниво на цела држава, бидејќи само така можеме да оствариме одржлив економски, социјален и територијален развиток на земјата, рече заменик министерката за финансии Ширет Еелези..
На свеченоста се обрати и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, кој потенцираше дека во пресрет на празникот на независноста на Република Северна Македонија присуствуваме на еден значаен настан. Пред се, за учениците, професорите и вработените во овој училишен центар, но и за граѓаните на општина Гевгелија.
-Со овој инвестиционен зафат уште еднаш ги потврдуваме настојувањата на општина Гевгелија за континуирано подобрување на условите за престој и настава во сите образовни институции.Изградбата на 21 училница претставува најголемиот инвестиционен зафат последнава деценија во образованието на општина Гевгелија.Со овој проект се обезбедува обезбедува едносменско работење во ова училиште, но и целосна енергетска заштеда.Изградбата на новите училници чинеше вкупно 40.296.360 денари, од кои 34.700.320 денари се заем, кој општина Гевгелија го доби од Светска банка.
За целосна реализација на проектот општина Гевгелија обезбеди уште 5.596.000 денари од општинскиот буџет, рече Поцков нагласувајќи дека на почетокот од новата учебна година и во другите училишта во општината, иако, во значително помал обем, беа реализирани зафати и активности за подобрување на училишните услови.Додека пак во централната детска градинка во Гевгелија и во детската градинка во Негорци во тек е целосната замена на столаријата, за што се издвоени 7,3 милиони денари сопствени средства.
-Активности кои само ја потврдуваат грижата што се посветува на образованието и воспитувањето, и преку вакви и слични проекти се настојува да се подобри квалитетот на услугите во сите училишни и предучилишни установи.Во наредниот период ќе следуваат и други, бидејќи наш приоритет е во сите предучилишни и училишни устанви децата и учениците да имаат солидни услови за престој и настава, порача градоначалникот на општина Гевгелија.
На свеченото предавање во употреба на новите училници во СОУ„Јосиф Јосифовски“ свое обраќање имаше и директорот на оваа установа Цветан Нелоски:
-Гордо сме исправени на прагот од еден нов почеток на СОУ „Јосиф Јосифовски“. Денес остваруваме една цел на повеќе генерации, цел започната уште пред неколку години, цел која денес е и повеќе од насока како да продолжиме понатаму, како заеднички да ја градиме иднината на ова училиште, иднината на нашите ученици и вработени.Отворањето и започнуваето со работа во новите училници беше визијата на моите претходници, но остана подеднакво посакувана дестинација за сите кои своето кариерно портфолио ќе го богатат со современиот начин на работење и дејствување. Вработените и наставниот кадар во училиштето досега докажуваа дека предизвиците не се бариери пред кои застануваме, туку напротив, задачи кои ги решаваме, а нашите ученици се неисцрпна инспирација која не се плаши да освојува и победува секаде каде зачекорува, рече Нелоски, потсетувајќи дека ова училиште низ историјата на своето битисување мина многу. Промените не беа колеблив услов за да се застане туку мотив да се продолжи и да се совладува.
-Од својот почеток 1952 година, до денес училиштето доживеа многу трансформации, но и промени во однос на просторните услови. Преку користење на искуствата од традицијата, со добра организација и стручен наставен кадар, со максимално ангажирање и мотивирање денес ја постигнуваме крајната цел – модерно и современо училиште.Денес со право може да се каже дека СОУ „Јосиф Јосифовски“ прерасна во школски центар кој ги исполнува современите стандарди и услови за работење, истакна директорот на СОУ„Јосиф Јосифовски„ Цветан Нелоски.