Врачени седмоноемвриските награди
На вчерашната седница на Советот на општина Гевгелија
беа врачени Седнмоноемвриските награди за постигнатите резултати во изминатите пет години. Наградата за животно дело во вид на Златна плакета, постхумно, му беше доделена на Александар Т. Попов, музички педагог, автор и музичар, основоположник на КУД„Распеани гевгеличани“ за значајни постигнувања од областа на музичката уметност, културата, воспитанието и образованието, за придонес во развојот на музичката култура кај младите, за афирмацијата на општината преку учество на голем број манифестации и фестивали, како и за афирмација на македонското музичко творештво и негово збогатување со свои авторски песни.
Во годината на одбележувањето на 40 годишниот јубилеј, професорите Љубица и Ѓорѓе Улишеви од Гевгелија се добитници на Златната плакета за значајни постигнувања од областа на музичката уметност, културата, воспитанието и образованието. Додека златна плакета за развој и афирмација на општината преку реализација на манифестацијата „Смоквијада“, која стана заштитен бренд на Гевгелија, во и надвор од земјата му беше доделена на Здружението на граѓани „ТЕРА“, а наградата ја прими Ратка Гавровска.
Сребрена плакета за постигнувања од областа театарската уметност и за особен придонес во развојот на театарскиот живот во Гевгелија и беше врачаена на Даниела Џишева, раководител на театарската група „Дон Кихот“. Две сребрени плакети за афирмација на македонското фолклорно творештво имбеше врачена на ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија и КУД„Танец“ од Миравци.
Во име на наградените се заблагодари Марија Димкова, ќерка на починатиот добитник на наградата за животно дело Александар Т.Попов, кој во својот емотивен настап рече дека генерации и генерации ќе го паметат „учителот“, кој остави белег во гевгелискиот музички живот, а неговата песна „Гевгелија“ стана гевгелиска химна. Песната ја изведоа Распеани гевгеличани – ансамбл кој го формираше токму Александар Т.Попов.